Безбедност на интернет
вовед
Кога користите интернет на вашиот телефон или компјутер, вашата активност зборува многу за вас. Важно е да ги чувате чувствителните информации – како што се корисничките имиња и лозинките што ги внесувате на веб-страница, вашите објави на социјалните медиуми или во одредени контексти дури и имињата на веб-страниците што ги посетувате – подалеку од љубопитните очи. Ако вашиот пристап до одредени веб-страници или апликации е блокиран или ограничен, тоа е причина за загриженост. Овие два проблема – надзорот на интернет и цензурата на интернет – одат рака под рака, а стратегиите за намалување на нивното влијание се слични.
Надзор, цензура и парламентите
Непријателските влади и другите предизвикувачи на закани насекаде низ светот користат сè попристапна технологија за надзор, а во некои случаи користат едноставно хакирање на безжичната мрежа за да ја следат активноста на интернет на пратениците и на другите лица што работат во парламентот. На пример, во 2013 година хакери украле податоци од вработените и посетителите на Европскиот парламент преку фалсификување на јавната Wi-Fi мрежа на Парламентот. Тоа било предвесник на многу пософистицирани напади во наредните години.
Покрај киднапирањето на интернет-сообраќајот и крадењето податоци, противниците, исто така, го попречуваат клучното парламентарно работење со блокирање на пристапот на интернет и на системите. Во Брисел, во мај 2021 година, Парламентот на Белгија беше исклучен од интернет поради голем напад со оневозможување на услуги. Нападот предизвикал одложување на некои расправи и состаноци на комисиите бидејќи корисниците не можеле да пристапат до виртуелните услуги потребни за учество на седницата.
Зголемената зачестеност на таквите напади врз пристапот и слободата на информациите на интернет нагласува колку е важно парламентите да ги разберат ризиците од работењето на интернет и да изработат планови за тоа како да се поврзат кога поврзувањето е засегнато.