Силна основа: Обезбедување на сметките и на уредите
вовед
Зошто го ставаме фокусот на сметките и на уредите? Затоа што тие ја формираат основата на сето она што вашиот парламент го прави дигитално. Речиси сигурно пристапувате до чувствителни информации, комуницирате внатрешно и надворешно и зачувувате приватни информации на нив. Само размислете за учеството на членовите на пленарни седници, гласањето (вклучувајќи виртуелно), процесите на подготовка на законодавството и комуникацијата со вработените и со пошироката јавност. Без безбедни сметки и уреди, овие клучни парламентарни активности и многу други активности може да бидат изложени на ризик.
На пример, ако хакерите го гледаат вашето работење на тастатурата или го слушаат вашиот микрофон, приватните разговори со колегите ќе бидат снимени без разлика колку се безбедни вашите апликации за пораки. Или, ако некој противник добие пристап до сметките на вашиот парламент на социјалните медиуми, тој лесно може да им наштети на вашиот углед и кредибилитет, како и да ја поткопа довербата кај јавноста. Затоа, од суштинска важност е како парламент да се осигурите дека сите преземаат некои едноставни, но ефективни чекори за одржување на безбедноста на своите уреди и сметки. Важно е да се спомне дека овие препораки се однесуваат и на личните сметки и уреди бидејќи тие често се лесни цели за противниците. Хакерите со задоволство ќе тргнат по најлесната цел и ќе упаднат во личната сметка или во домашниот компјутер доколку вашите членови и вработените ги користат за да комуницираат и да пристапат до важни информации.