Теми

Безбедност на интернет

Безбедност на социјалните медиуми

Вработените во службата на парламентот и пратениците можат да обелоденат многу работи – а понекогаш и повеќе отколку што имаат намера – со објавување и коментирање на социјалните медиуми. Без разлика дали се работи за Фејсбук, Твитер, Инстаграм, Јутјуб или социјални медиуми карактеристични за некој регион, како што се VKontakte и Odnoklassniki, секогаш треба внимателно да размислите за тоа што објавувате и соодветно да ги конфигурирате сите достапни поставки за приватност. Ова важи не само за официјалните страници на парламентот, туку во некои случаи и за личните сметки на вработените, како и за оние на нивните семејства и пријатели.

Безбедност на социјалните медиуми и парламентите

Cellphone image

Дури и организациите со низок ризик можат да бидат цел и да бидат вознемирувани на социјалните медиуми ако немаат воспоставено соодветни безбедносни политики. Во овој пример од 2018 година, непрофитно засолниште за животни изгуби илјадници долари и ги изгуби поддржувачите откако неовластен администратор на сметки постави лажна акција за собирање средства, а на платформата се појавија лажни сметки на вработените. Ако хакерите се подготвени да одат дотаму за да заработат неколку илјади долари од засолниште за животни, можете да замислите каква штета би можеле да нанесат софистицираните противници ако добијат пристап до сметките на вашиот парламент или успеат лажно да се претстават на интернет како истакнат пратеник или вработен.


Покрај хакирањето на сметките на социјалните медиуми, веб-страниците на парламентот, исто така, се вообичаена цел со оглед на нивната јавна видливост и значење за угледот. Во еден пример од 2017 година, веб-страницата на парламентот на Австрија беше срушена од хакерска група која наводно била лута поради влошените односи на земјата со Турција во тоа време.

Креирање парламентарна политика за социјални медиуми

Претпоставете дека сè што е објавено на социјалните медиуми може да стане јавно достапно и затоа соодветно креирајте парламентарна политика за социјалните медиуми. Со оглед на јавната природа на поголемиот дел од работата на парламентот, веројатно ќе сакате да ги споделите повеќето објави и пораки јавно, но, сепак, од клучно значење е да поставувате и да одговарате на прашања како на пример: Кој има пристап до вашите сметки на социјалните медиуми? Кој смее да објавува и кој треба да одобрува објави? Што е со коментарите и одговорите? Кои информации треба/не треба да се споделуваат на социјалните медиуми? Ако објавувате фотографии, информации за локација или други идентификациски информации за вашите вработени, членови или партнери, дали сте побарале дозвола од нив и дали сте размислувале за можни ризици? Ваквите прашања се особено важни ако вашиот парламент јавно комуницира со граѓаните преку социјалните медиуми или слични интернет-портали за јавен ангажман.

Освен што ќе ја креирате вашата политика и ќе им ја образложите на вработените, погрижете се правилно да ги конфигурирате вашите поставки за приватност и безбедност (често се нарекуваат „безбедносни“). Некои клучни прашања што треба да си ги поставите додека одлучувате кои поставки за приватност и безбедност се најсоодветни за парламентарните и за личните сметки се:

  • Дали сакате да ги споделувате вашите објави со јавноста или само со одредена група луѓе внатрешно или надворешно?
  • Дали некој треба да може да коментира, да одговара или да има интеракција со вашите пораки или објави?
  • Дали луѓето треба да можат да ве најдат користејќи ја вашата адреса за е-пошта или (приватен или службен) телефонски број?
  • Дали сакате вашата локација автоматски да се споделува кога објавувате нешто?
  • Дали сакате да блокирате или да исклучите непријателски настроени сметки?
  • Дали сакате да блокирате одредени зборови или хаштагови?

Секоја страница на социјалните медиуми ќе има различни поставки за приватност и безбедност, но овие општи концепти се применуваат универзално. Додека ги разгледувате овие прашања, искористете ги корисните водичи за приватност од големите платформи: Фејсбук, Твитер, Инстаграм и Јутјуб. Особено кога се работи за Фејсбук, бидете внимателни во врска со изборот на приватноста во групите. Групите на Фејсбук се популарно место за ангажирање, застапување и споделување информации, но на неограничените групи може да им се придружи кој било. Не е невообичаено лажни сметки да се претставуваат како вистински луѓе во обид да се инфилтрираат во приватни групи или страници на социјалните медиуми. Затоа, бидете внимателни кога прифаќате барања за „пријател“ и за „следење“. Запомнете дека сметките на социјалните медиуми на вашиот парламент се безбедни исто колку и сметките што се „поврзани“ со него. Ова е особено важно да се запамети за Фејсбук, каде што страниците може да бидат управувани од нечија поврзана лична сметка.

Вознемирување на интернет 

За жал, многу парламенти и поврзани групи се соочуваат со значително вознемирување на интернет, особено на социјалните медиуми. Ваквото вознемирување често е насочено со уште поголем интензитет кон жените и маргинализираните популации. Особено насилството на интернет врз жените може да создаде непријателска средина што води до самоцензура или повлекување од политичкиот или граѓанскиот дискурс. Како што е идентификувано во извештајот „Tweets That Chill“ на тимот за род, жени и демократија на НДИ, кога нападите врз политички активните жени се канализираат на интернет, широкиот опсег на социјалните медиуми може да го зголеми ефектот од вознемирувањето и психолошката злоупотреба, поткопувајќи го чувството на жените за лична безбедност на начини кои мажите не ги почувствувале.

 

Како вашиот парламент ја подготвува својата политика за социјалните медиуми, важно е да ја знаете оваа динамика. Вградете во вашиот план за безбедност структурирана поддршка за членовите и вработените кои се соочуваат со негативни пораки, навреди и закани на социјалните медиуми, и како дел од нивните работни места и во нивниот приватен живот. Креирајте инфраструктура против вознемирување во рамките на парламентот, вклучително и анкетирање на вашите вработени за да разберете како вознемирувањето на интернет влијае на нив и направете тим за брз одговор кој ќе им помогне на вработените да се соочат со ситуации кои носат предизвици. Практичниот прирачник во случај на вознемирување на интернет (Online Harassment Field Manual) на ПЕН Америка (PEN America), исто така, дава детални препораки за тоа како можете да ги поддржите вработените што се соочуваат со такво вознемирување. Може да размислите, доколку вашите вработени се согласуваат, да пријавувате инциденти со вознемирување и/или проблематични сметки и директно на платформите.


Кога комуницирате со членови или вработени кои биле жртви на вознемирување на интернет (како и во физичкиот свет), важно е да бидете чувствителни. Како што е наведено во Програмата за правата на жените на Здружението за прогресивни комуникации, Take Back the Tech, треба да разберете дека жртвата, можеби, се справува со траума и да прифатите дека насилството, на интернет или надвор од интернет, никогаш не е по вина на жртвата. Погрижете се таквите прашања да можат да се покренат и да се дискутираат (ако вработените немаат проблем со тоа) во доверлива и безбедна средина, со опција за анонимност. И вклучете во планот за безбедност на вашиот парламент список на локални професионалци, организации и агенции за спроведување на законот со кои можете да ги поврзете вработените за правна помош, медицинска помош, помош со менталното здравје и техничка помош доколку е потребно. За дополнителни идеи, погледнете го Водичот за безбедност на интернет на „Феминист фриквенси“ (Feminist Frequency).