Овој Прирачник е напишан со едноставна цел на ум: да му помогне на вашиот парламент да развие разбирлив и применлив план за сајбер-безбедност. Добро изработен и ажуриран организациски безбедносен план може да ве заштити и да ве направи поефективни со тоа што ќе ви го обезбеди душевен мир кој е потребен за да се фокусирате на важната секојдневна работа на вашиот парламент. Ако сè уште не сте, одвојте малку време да го прочитате воведот во Прирачникот за да дознаете за безбедносните планови и зошто вашиот парламент треба да има таков.
Иако планот за безбедност на секој парламент ќе изгледа малку поинаку врз основа на неговата процена на ризик и организациската динамика, одредени суштински концепти се речиси универзални.
Овој прирачник се осврнува на тие суштински концепти на начин којшто ќе му помогне на вашиот парламент да направи конкретен план за безбедност заснован на практични решенија и апликации од реалниот свет.
Овој прирачник се обидува да обезбеди опции и предлози кои се бесплатни или со многу ниски трошоци. Имајте предвид дека најзначајниот трошок поврзан со спроведувањето ефективен план за безбедност ќе биде времето во текот на кое вие и вработените, членовите и тимовите во парламентот ќе треба да разговарате, да го научите и да го спроведете вашиот нов план. Меѓутоа, со оглед на ризиците со кои веројатно ќе се соочи вашиот парламент, оваа инвестиција ќе биде многу вредна.
Во секој дел ќе најдете објаснување за клучната тема со која треба да се запознаат вашиот парламент и вработените – што претставува таа и зошто е важна. Секоја тема е поврзана со суштински стратегии, пристапи и препорачани алатки за ограничување на вашиот ризик, како и совети и врски до дополнителни ресурси кои може да ви помогнат да ги спроведете тие препораки во вашиот парламент.
За да му помогнете на вашиот парламент да ги обработи лекциите од прирачникот и да ги претвори во реален план, искористете го овој комплет со почетни упатства. Можете да го испечатите комплетот или да го пополните дигитално додека го читате прирачникот во електронска верзија. Додека правите белешки и почнувате да го ажурирате или изработувате вашиот план за безбедност, не заборавајте да се повикате на „Основните елементи на планот за безбедност“ кои се детално опишани во секој дел. Ниту еден план за безбедност не е комплетен без, минимално, осврнување на овие суштински елементи.